„Историјата нѐ научила дека Европа секогаш напредувала преку кризи и само тогаш успевала да се промени. Потребно е таа да се разбуди од сонот и да се ослободи од својата ароганција кон помоќните и послабите земји од Балканот. Нејзината политика повеќе не функционира во однос на Македонија, а камоли пред светските и регионалните џинови. Европа мора да изгради начин како да го задржи Балканот во својата геополитичка сфера.“ – вели политичкиот аналитичар и новинар Ивор Мицковски во својата колумна со наслов „Само Трамп може да ја разбуди Европа“, која ја објави Македонската редакција на Дојче веле.
Време е ЕУ и Европа. поделена уште пред да стапи Трамп на власт, да се освестат пред стварноста
Покрај другото, Мицковски пишува: Следниот понеделник ќе се одржи инаугурацијата на новиот претседател на САД Доналд Трамп. Не е поканета да присуствува Европа, онаа официјалната, во функцијата и ликот на првата жена на ЕУ Урсула фон дер Лаен. Наместо неа шоуто од Европа ќе треба да го „води“ Џорџа Мелони, која неодамна го посети имотот на Трамп на Флорида, а тој ја нарече фантастична жена. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе присуствува на инаугурацијата. На настанот ќе се „наредат“ лидерите на десничарските популистички партии во Европа, како што е Алис Вајдел, предводничка на екстремната АФД во Германија или премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, наречен лошо момче на европската политика. Од Франција е поканет челникот на „антиимиграцијата“ Ерик Земур. Поканети се и Белгиецот Том Ван Грикен и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки, кои се судрија со Брисел во долг спор за владеење на правото. Моравјецки потврдил дека ќе дојде. Белата куќа ги поканила и лидерот на шпанската ултранционалистичка партија Воск и шефот на португалските десничари Чега.
Европа е поделена уште пред да стапи Трамп на власт. Таа се прашува што ќе прави со доаѓањето на Трамп, дали на неговото второ враќање ќе гледа само дефетистички, или конечно Европа и ЕУ ќе се разбудат од сонот и ќе почнат да трчаат по стапките на Америка во технолошките иновации, воената одбрана, економскиот раст и конкурентноста. Време е Европа и ЕУ да се освестат пред стварноста и да почнат да размислуваат како гео(политичка) целина, ако не сакаат да бидат растргнати и распарчени од светските играчи во меѓусебен натпревар. Европа во овој момент изгледа како ранлива, уплашена и замолчена. Светот, кој забрзано се менува, се стреми кон една вистинска европска сила, која ќе биде способна да го следи чекорот на САД и на големите демократии, но едновремено ќе биде способна да развива и самостојна политика и влијание. Европа, која би била дел од големите трговски патишта и промени, која ќе биде способна да развие дијалог со Глобалниот Југ и да учествува во преобразбата на мултилатералниот систем, ако не сака да биде жртва и набљудувач во големиот судир меѓу САД и Кина.
Европа заостанува
Првиот и најголем проблем и предизвик за Европа е нејзиното заостанување во технолошките иновации, конкуретноста и економскиот раст, споредбено со САД, Кина, па дури и една Индија. Еден од најупадливите показатели за заостанувањето на Европа во однос на САД може да се види во разликата на бруто домашен производ по човек, кој во 2010 година беше 47 отсто помал од американскиот. Денес е помал за 82 отсто. Со падот на конкурентноста и продуктивноста тонат и платите и животниот стандард. Со намалени даночни приходи ќе се намалат и владините инвестиции во здравството, образованието и социјалната сигурност. Европските граѓани стануваат сѐ посиромашни споредено со Американците. Европските влади стануваат неспособни да одговорат на растечките потреби за јавна потрошувачка. Европскиот идентитет заснован врз социјалните политики, е во опасност да се распадне.
Најалармантното заостанување на Европа е во технолошкиот сектор и претприемаштвото. Во последните 50 години САД многу ја надминаа Европа во изградбата на нови корпоративни гиганти. САД има создадено 68 компании, чија вредност надминува 10 милијарди долари, со вкупна пазарна капитализација од преку 30 милијарди долари. Европа се бори да одржи чекор со многу помалку фирми и со вкупна вредност, која е 70 пати помала од вредноста во САД. Европа се наоѓа во незавидна геополитичка позиција. Таа само ќе тоне и сѐ повеќе ќе биде заробена во судирот меѓу големите сили. Затоа Европа мора да се подготвува за најлошото и да почне заеднички да дејствува.
Ароганцијата на Европа не функционира повеќе ниту во однос на Македонија
Беспредметно е веќе да се напоменува колку е важно Европа фискално да се обедини во стилот на САД, политички да се обедини и да го доврши европското проширување со вклучување на Западниот Балкан. Сѐ додека не го направи тоа, ќе биде порозна за странски непријателски мешања и политички влијанија од трети страни. За Европа ќе биде особено тешко да изгради обединет фронт во однос на трампизмот. Многу веројатно е дека секоја засебна земја ќе бара начини како да воспостави специјални односи со САД. Тоа значи дека сите земји од Европа ќе станат далеку повеќе трансакциски расположени во односите едни со други. За промена на сите овие аспекти, потребно е Европа да се разбуди од сонот и да почне да го гледа светот онаков каков што е. Тоа значи да се ослободи од својата ароганција кон помоќните и послабите земји од Глобалниот Југ, или од Балканот. Европа мора да изгради и начин како да го задржи Балканот во својата геополитичка сфера.
Европа мора и да го напушти својот бинарен поглед од Студената војна, тој црно-бел свет на „или си со нас, или си против нас“. Таквата политика на Европа повеќе не функционира во однос на Србија, или Македонија, а камоли пред светските и регионалните џинови. Европските земји треба да станат помалку трансакциски и националистички настроени меѓу самите себе, а повеќе трансакциски и патриотски настроени кон другите средни и големи сили во овој трампистички свет. Историјата нѐ научила дека Европа секогаш напредувала преку кризи и само тогаш успевала да се промени. Затоа и овојпат е огромна одговорноста на европските институции и особено на Комисијата. Од Брисел е неопходна храброст, визија и лидерство. А којзнае, можеби Урсула фон дер Лаен ќе се појави и непоканета на забавата на Трамп и друштвото





