И Македонија виновна за ланскиот пораз на Хилари Клинтон!

„Фармите“ за лажни вести односно пропагандните портали кои лиферуваа вести во корист на Доналд Трамп, била една од причините зошто кандидатот на демократите, Хилари Клинтон, минатиот ноември не победи на претседателските избори во САД.



Некогашната прва дама и поранешен американски државен секретар, и десет месеци по изборите не може да се помири со неуспехот. Превзема дел од одговорноста, но одбива да ги ослободи од вина надворешните фактори, пред се сексизмот на Трамп, ФБИ, Русија и американските медиуми, социјалните мрежи.

Македонија, односно про-Трамп порталите се најдоа на 32-то место од списокот на дури 43 виновници за нејзиниот изборен пораз.

Тие информативни „фарми“ и нанеле повеќе штета(!?) отколку, на пример, загинувањето на американскиот амбасадор во Бенгази – Либија што е рангирано на последно место на листата, иако дел од американската јавност бараше одговорност од неа како државен секретар.

Првите четири места на виновници се резервирани за сексизмот, расизмот, мизогенијата и ксенофобијата во американското општество. Од седмо до десето место на списокот се ФБИ, Русите, Владимир Путин и Викиликс, на 22-то место е Фејсбук…

Во универзумот на Клинтон, секој е виновен, но и не и таа. Многу е слична на Ричард Никсон, кој за скандалот Вотергејт поради кој мораше да поднесе оставка, изјави дека „ја прифаќа одговорноста, но не и вината“. Но, како што искоментира „Фокс њуз“, никој не ја принуди да постави приватен сервер за службната електронска пошта. Никој не и стави в џеб 225.000 долари од Голдман Сакс за еден говор.

Во книгата со мемоари насловена „Што се случи“, таа го опишува шокот што го доживеала во ноќта на 8 ноември 2016 година во својата хотелска соба во Њујорк,  чувството на празнина и тага што не ја напуштале со недели.

Одбивала антидепресиви и средба со психоаналитичари, а утеха побарала во својата фамилија, во алтернативната техника на дишење на нејзиниот професор по јога, и во виното – шардоне.

Промоцијата на книгата ќе биде проследена со промотивна ткампања во САД и Канада, со бројни интервјуа и 15 платени конференции.