И ЕУ не му верува на Путин, а Зеленски бара 30 дена примирје

Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, реагираше внимателно на едностраното соопштение на Русија за 30-часовен прекин на огнот.



„Русија има искуство како агресор“, рече Хипер, цитиран од Ројтерс, „затоа прво треба да видиме вистински прекин на агресијата и јасни активности за траен прекин на огнот“.

„Русија може да ја запре оваа војна во секое време доколку навистина сака…

„Продолжуваме да ја поддржуваме Украина за долг, праведен и сеопфатен мир“, додаде Анита Хипер.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина ќе го почитува велигденскиот прекин на огнот што претходно денеска го објави неговиот руски колега Владимир Путин, но само доколку Русија го стори истото. Тој во објава на платформата Икс изрази желба прекинот на огнот да продолжи и по Велигден и во таа насока предложи 30-дневно примирје.

„Ако навистина дојде до целосен прекин на огнот, Украина предлага да се продолжи и по Велигден, 20 април. Тоа ќе ги открие вистинските намери на Русија – затоа што 30 часа се доволни за да се влезе во вестите, но не и за вистински мерки за градење доверба. Триесет дена може да му дадат шанса на мирот“, вели Зеленски.

Според извештаите на врховниот командант на украинските вооружени сили Олександр Сирски, руските офанзивни операции продолжуваат, а не стивнуваат ниту артилерските напади.

„Затоа, не им веруваме на зборовите на Москва. Премногу добро знаеме како Москва манипулира и подготвени сме на сѐ“, наведува Зеленски.