Италијанската премиерка Мелони под критика за чевствување на италијанските фашисти

Десничарската влада на Италија се соочува со критики за одбележувањето на големата битка од Втората светска војна, кај Ел Аламеин во 1942 година во Египет, откако Министерството за одбрана соопшти дека поразените фашистички војници на диктаторот Бенито Мусолини загинале за слободата на земјата, пишува британски Индепендент.



Во објавата на социјалните мрежи во средата по повод годишнината од битката, Министерството го опиша конфликтот како „херојски и трагичен“ и им оддаде почит на италијанските војници „кои ги жртвуваа своите животи за нашата слобода“.

Во битката учествуваа здружените сили на фашистичка Италија и нацистичка Германија, предводени од германскиот генерал Ервин Ромел, против Британија и нејзините сојузници, предводени од британскиот генерал Бернард Монтгомери.

Паола Киеза, која ја предводи делегацијата на партијата „Италијански браќа“, Џорџа Мелони во парламентарната комисија за одбрана, објави на Фејсбук дека „срцето на нашата нација денес е во Ел Аламеин“.

Двете објави наидоа на широки критики од опозициските политичари, академици и на социјалните мрежи.

„Како можете да го поврзете Ел Аламеин со „борбата за нашата слобода“ е надвор од моето разбирање“, рече Матија Гуиди, професор по политика на Универзитетот во Сиена.

Пратениците од левичарското „Движење 5 ѕвезди“, втората по големина опозициска партија, објавија соопштение во кое се вели дека иако италијанските војници храбро се бореле, „не е соодветно“ да им се оддаде почит како борци за слобода.

Наместо тоа треба дасе каже дека „тие беа жртви на италијанскиот колонијален и фашистички режим“.