Историски бод за Грузија, Португалија ја декласира Турција, сите со по три бода во групата Д на ЕП

Дебитантот Грузија, која Македонија ја совлада во директниот дуел во Тбилиси за пласман на претходното Европско првенство, го освои својот прв бод на еврошампионатите со ремито 1:1 со Чешка.



Грузијците дури и водеа со реализираниот пенал од Микаутаѕе во четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме, а во игра за осминафиналето Чесите ги остави Шик со погодокот во 59. минута.

Турција, која ја порази Грузија со убедливи 3:1 на стартот, уште поуверливо загуби од Португалија со 3:0. Резултатот го отвори Бернардо Силва во 21. минута, седум минути подоцна Акајдин си даде автогол, а точка стави Фернандеш во 56. минута.

По шокантниот пораз од 1:0 од Словачка во првото коло, Белгија се врати во игра за осминафиналето со победата од 2:0 над Романија, со што сите четири селекции во групата Д по две одиграни кола имаат по 3 бода. Само по две минути игра Тилеманс ги доведе во водство „црвените ѓаволи“, а триумфот го запечати Де Брујне од контранапад десет минути пред крајот.