Историската комисија со Бугарија е злоупотребена, велат поранешни членови – Наивно се влезе во стапицата на бугарските националисти

„Поранешни членови на македонскиот тим во комисијата за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија испратија до медиумите став, како што тврдат, наводно, поради ‘неоснованите изјави на премиерот и претставници на Владата поврзани со нивната работа’. Ова се случува откако Владата го промени составот на македонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија. “ – пренесува информативната агенција Макфакс. Инаку, премиерот Мицкоски деновиве беше категоричен во својата констатација дека сегашниот македонски дел од заедничката Комисија за историски прашања со Бугарија комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и оти не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Тој нагласи дека токму поради ова се вршат промени во таа историска комисија.



„Макфакс“ го пренесува ставот на поранешните членови на историската комисија:

„1. Работата во Комисијата, која е експертско, а не политичко тело, за нас беше можност да се помогне во надминување на проблемите, кои постојат меѓу двете држави. Но, поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот сопретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји. Во јавноста се наметна уверувањето дека Комисијата треба да биде тело во одбрана на ‘националните интереси’, докажување ‘историски вистини’ и решавање историографски прашања. Целосно беше игнорирана идејата дека Комисијата преку позитивните примери на слични комисии во Европа треба да помогне да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија кои очигледно ги држат во заложништво граѓаните и граѓанките на двете држави.“

„2. Дел од политичарите и од интелектуалците, а посебно историчарите, од користољубиви и политички причини, но и од незнаење, ја прифатија реториката и пристапот на бугарската страна, со што во јавноста, без никакви аргументи, беше наметнат впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и оти прави ревизија на македонската историографија. На тој начин нашето општество наивно влезе во стапицата на националистите во Бугарија и нивната намера да наметне дискусија за овие прашања низ призма на политички интереси. Со тоа, всушност, ја пропуштаме шансата да се отвори сериозна академска дебата, во која ќе може отворено да дискутираме за минатото и надвор од влијанијата на политички групи, кои изминатите децении профитираа од злоупотреба на историјата. Да се дебатира отворено е очигледно тешко за дел од македонската интелектуална јавност.“

„3. Во минатото Комисијата беше постојана мета на политички мотивирани напади од бројни медиуми и политички партии и нејзината работа беше искористена за остварување политички цели. Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на ‘заштитници’ и ‘незаштитници’ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној, што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи, ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно. Со иста порака е и коментарот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија од 5.9.2024 г., со кој Комисијата ја прогласи за политичко тело, кое треба да штити стратешки надворешно политички позиции. На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна.“

„На иста линија со изјавите на премиерот и неговите министри, во јавноста се објавија текстови кои се „обидуваат“ да ја дообјаснат политичката одлука на Владата со манипулации и невистини дека Комисијата „произвела“ два протоколи кои, всушност, се усвоени од Владите на двете држави; дека членовите на Комисијата на 15. средба на која не е донесена никаква одлука, наводно, отстапиле од македонските црвени линии усвоени во Собранието во јули 2021 г., итн. Ваквата безобѕирна пропаганда која е далеку од професионалното и одговорно информирање, всушност, придонесува уште повеќе за поделба на македонското општество.“

„4. Неопходна е промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, нешто што ние го баравме постојано од првата средба на Комисијата која се одржа на 2 и 3 јули 2018 г. На тој начин ќе се создадат услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата.“ – се вели во нивниот став.