„Без уставни измени нема отворање преговори. Може да не ни се допаѓа реалноста, но мора да се соочиме со неа и да не живееме во соништа. Секогаш некој друг ни е виновен, а не ние. Возот за Европа и сега ни избега пред нашите очи.“ – истакнува д-р Беса Арифи, професорка во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Возот што бега секогаш“, во која со голема иронија ги коментира пречките, што ѝ се поставуваат на Македонија во нејзините настојувања да го започне процесот на евроинтегрирањето, но со запазувањето на државно-националните интереси на македонскиот народ и неговите темелни идентитетски белези, како и на неговата автентична македонска историја. Професорката Арифи ги игнорира целосно тие интереси и воопшто прашањето дали и како би се одразиле бараните уставни измени врз идентитетот, македонската етничката засебност на Балканот и врз сопствената историја на македонскиот народ. Поправо, Беса Арифи и воопшто не споменува термини „Македонија“ и „македонски народ“ во својата колумна, туку само некакви неидентификувани „Балканци“. Според неа, потребно е „само час поскоро да се скокне во возот во Европа“, а што ќе се случува потоа со големата „група патници“ во тој „европски воз“ – по име Македонци, како ќе завршат тие на тоа „европско патување’ како цел еден народ, е тоа за авторката на колумната воопшто не е важно.
Но, еве што пишува д-р Беса Арифи во својата колумна, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“: Карактеристично за балканското поднебје е тоа што вината секогаш се бара во некој друг, а не во самиот себе. Така на Балканците им бегаше секогаш возот. Секогаш некој друг е виновен, а не ние. Возот за Европа и сега ни избега пред нашите очи. Виновни се Европа и нејзините критериуми на едногласна политика на одлучување каде што сите држави мора да се согласат за нешто. Бугарија е виновна што ни стави вето. Виновна е и Франција за францускиот предлог.
Виновна е и претходната влада е што го прифати францускиот предлог. Само сегашната власт нема вина. Тие се целосно посветени на процесот на европската интеграција. Другите се виновни. Виновен е возот што бега. Тие што го пропуштиле возот немаат никаква вина. Кога и нашите стратегиски партнери како Германија ни велат дека не можеме да бидеме во европските интеграции без да направиме уставни измени, ние сепак го слушаме она, што сакаме да го чуеме.
Премиерот не уверува дека имаме голема поддршка во Европа и вели дека е во разговори со сите, за да ја разберат нашата ситуација. Но, пораката е јасна: без уставни измени нема отворање преговори. Може да не ни се допаѓа реалноста, но работите се јасни. Така, уште долго ќе ги пуштаме возовите и ќе продолжуваме да се жалиме зошто ни бегаат.
Уставните амандмани беа подготвени во времето на претходната власт. Подготвени се и амандмани. Се беше подготвено да се понесе овој тежок товар поврзан со државното одлучување. Сè беше подготвено да се донесе непријатната одлука, што јавноста ќе ја мрази, но која државниците ќе мора да ја донесат. Затоа што на власта не треба да се гледа како на натпревар за популарност. Власта мора да ги реши проблемите, колку и да се тешки. Подготвените измени не поминаа токму затоа што партијата, која е сега е на власт, тогаш вети дека нема да дозволи уставни измени според бугарски диктат.
Таа извојува со овој став голема победа на двојните парламентарни и претседателски избори. Сега го смени ставот дека уставните измени нема да се прават под бугарски диктат и велат дека ќе се направат, но во моментот кога ќе се интегрираме во ЕУ а не сега. Но, веќе сме одвоени од Албанија, со која досега патувавме заедно и која оваа недела успеа да ги отвори пристапните преговори. Ние ќе чекаме да се направат тие уставни измени по диктат на Бугарија, која, ни се допаѓало, или не, е сепак во Европската Унија, а ние сме надвор. Се додека ова не се случи, сите наши возови ќе продолжат да ни бегаат.





