Ирак и Азербејџан нудат помош во потрагата по хеликоптерот на иранскиот претседател

Во отежнати временски услови трае потрагата по хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговите соработници. Официјалните претставници на Иран информираат дека спасувачките екипи се уште не можат да стигнат до местото на несреќата. Врховниот духовен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи одржа итен состанок на Советот за безбедност и преку државната телевизија порача дека нацијата треба да се моли за здравјето на Раиси.



Во потрагата се ангажирани повеќе од дваесет спасувачки тимови и беспилотни летала, а пораки за помош и поддршка испрати Ирак, како и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев.

Алиев истакна дека се моли за Раиси и оти е длабоко шокиран од веста за хеликоптерската несреќа, по нивната денешна средба.

Од американскиот Стејт департмент соопштија дека со големо внимание ги следат информациите за хеликоптерската несреќа на Раиси. Како што пренесе Си-ен-ен и претседтаелот Џо Бајден бил информиран за деталите околу несреќата на иранскиот претседател.

Хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урна додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан. Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди кажа дека хеликоптерот бил принуден да слета поради магливите временски услови. Раиси патувал во Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.