На прагот на одржувањето на парламентарните избори, кои ќе се одржат денес, на 11 мај 2025 година, во Албанија, се случија оружен инцидент и обид за купување гласови со пари во општина Пешкопеја. Ова го објави приштинскиот весник “Бота сот“. Албанската телевизија Топ Ченел извести дека во полицијата синоќа е пријавено и купување гласови во селото Маќелара, во општина Дебар, по што е покрената истражна постапка за кривично дело „изборна корупција“.
„Бота сот“ пишува: Синоќа, на 10 мај 2025 година еден час пред полноќта, во селото Пилафе, во општина Пешкопеја, се случи оружен инцидент. Веќе е уапсен полицаецот Есат Гјура, кој пукал со пиштол. Есат е татко на кандидатот за пратеник од Социјалистичката партија Даниел Гјура. Пукањето го пријавил во полицијата Џемал Ѓункши, кандидат за пратеник од Демократската партија на Албанија, кој тврди дека полицаецот делел пари во замена за гласови.
Албанската телевизија Топ ченел објави информација за интервенцијата на полицијата синоќа вечерта и во селото Маќеларе, во општина Дебар, откако добила телефонско известување за купување гласови во напната ситуација во селото.
Телевизијата дополнува: Силни реакции предизвикаа брзите акции на полицијата во Маќеларе за запирање на автомобилот со лицата, кои биле пријавени од кандидатот за пратеник од Демократската партија Даниел Ѓјура дека делат пари во замена за гласови. Пријавените за купување гласови, но и други нивни поддржувачи, се обидуваа да ги спречат активностите на органите на јавниот ред. Полицијата соопшти дека е отворена истрага во врска со кривично дело „изборна корупција“.
„Градоначалникот на Тетово Билал Касами соопшти дека престојува во Тирана, каде што заедно со кандидатката за пратеничка од Демократската партија Јорида Табаку имале средби со граѓани во пресрет на парламентарните избори.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алфакс“ од Скопје.
Покрај личните средби заедно со Јорида Табаку со граѓани во Тирана и некои други населени места во Албанија, Касами, кој е градоначалник на Тетово, град во Република Македонија, преку видео-снимка, поставена на фејсбук, на прагот на парламентарните избори во Албанија ја упати и следната лобирачка порака во прилог на Демократската партија на оваа држава: „Тирана е центарот, кон кој сме ориентирани ние, Албанците, без оглед што сме надвор од политичките граници на Албанија! Победата на Демократската партија на Албанија ќе биде двојна надеж, надеж и за Албанците од С.Македонија. Се надевам дека Јорида ќе биде во Парламентот, бидејќи само така така ние, Албанците ќе имаме свој силен глас во Собранието на Албанија, но се надевам бездруго и во Владата на Албанија!“






