Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги повика трговците да ги усогласат цените на училишниот прибор со одлуката на Владата за ограничување на профитните маржи, а потрошувачите да пријавуваат, ако забележат неправилности. Во објавата на страницата на Инспекторатот директорот на ДПИ најавува дека од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали цените соодветствуваат на одлуката, но нема да проверуваат како се формирани цените.
- Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуваат од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија. Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало – вели во изјавата Трајковски.

Според одлуката на владата, највисоката трговска (профитна) маржа за производите кои се содржани во одлуката на владата за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдува на вкупен износ до 5 %, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 10% и ќе се применува до 20 октомври 2024 година.

- Во случај да се утврди прекршување на Одлуката ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот – потсетува Трајковски.
Тој ги повика и потрошувачите доколку забележат неправилности да пријават во пазарниот инспекторат на 191 или на службената веб-страница.

Ваквата одлука следи откако за анализираните увозни царински декларации на дел од производите, Владата констатирала дека многу производи биле предмет на монопол или дуопол.
Со намалени цени ќе се продаваат училишниот прибор, гумите, тетратките, моливите, пенкалата, боиците, пластелинот.
Мерката за поевтин школски прибор ќе трае до 20-ти октомври.





