Инспекторите не откриле пропусти при лекување на 9-годишното дете кое почина на Детска клиника

По извршените вонредни инспекциски надзори, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) не пронајде пропусти  во начинот на третирање на здравствената состојба на деветгодишното дете од селото Пеширово, Општина Свети Николе кое во вторникот почина на Клиниката за детски болести во Скопје.



Од ДСЗИ информираат дека извршиле вонредни инспекциски надзори кај сите здравствени установи во кои се лечело детето и велат дека во трите институции нема констатирано недостатоци.

Инспекторите утврдиле дека детето најпрвин било однесено кај матичниот лекар во Свети Николе на 14 јануари заради болка во стомакот и повраќање, кашлање, висока фебрилност и поради несоница.

„Во ординацијата годинава прв пат (детето) се јавува на 14.01.2025 година заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39Ц) и неспиење претдходниот ден. При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип“ се вели во соопштението од ДЗСИ

„Во ЈЗУ КБ Штип, детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција. Во ЈЗУ КБ Штип, повторно му се извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило транферирано е во ЈЗУ УК за детски болести.

Во ЈЗУ УК за детски болести, детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката.

На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус.

Од извршените вонредни инспекциски надзори во наведените здравствени установи каде починатото деветгодишно дете било лекувано, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности не констатираше недостатоци“, се наведува во соопштението.