По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова.
На 12 мај, недела, истекува петгодишниот мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Силјановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.
Седниците за инаугурација на новиот претседател и за кoнституирање на новиот собраниски состав треба да ги свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.
Мандатот на новиот собраниски состав што беше избран на вчерашните парламентарни избори, почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.
Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.
Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.
Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. МИА






