Има тенденции за дестабилизација на Македонија со укинување на правата на Албанците, тврди косовската претседателка

Косовската претседателка Вјоса Османи ги повика Косово и Албанија да ја зајакнат координацијата и соработката, пишува весникот „Коха диторе“, повикувајќи се на нејзината изјава на заедничката седница на косовскиот и на албанскиот парламент што денеска се одржува во Приштина.



Од косовскиот парламент таа порача дека властите на двете земји мора да го кренат својот глас повеќе од кога било за заштита на правата на Албанците во Прешевската долина и на оние во Македонија.

„Важно е да ја обединиме нашата надворешна политика, како и да соработуваме во одбраната на независноста на Косово и на нашиот суверенитет и во одбраната на правата на Албанците каде и да живеат. Албанците во (Прешевската) долина гледаат во нас, нивните права постојано се кршат, а демократскиот свет замижува. Треба да го кренеме гласот повеќе од кога било за да се престане со овие злоупотреби. Додека зборуваме, сè уште има тенденции да се разнишаат темелите на кои е изградена Северна Македонија, односно да се дестабилизира оваа земја со укинување на правата на Албанците. Ниту треба да молчиме, ниту да замижуваме пред овие јасни трендови“, рече Османи.