Владата во моментот е фокусирана на многу поважни работи кои треба да го подобрат животот на граѓаните и нема било каква причина за предвремени избори, вели премиерот Христијан Мицкоски.
На барањето на ДУИ да се распишат предвремени парламентарни избори, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека за девет месеци ќе почне кампања за локалните избори на која граѓаните ќе можат да го кажат својот збор. Рече дека предвремени избори ќе има, но ако бидат поразени владејачките партии на локалните избори идната есен.
„Доколку оваа Влада ја поразат на тие избори, логично е да има предвремени Парламентарни избори после тоа. Да не ни се случува како во 2021 година. Но, доколку оваа Влада ги порази сегашните опозициски политички партии на локалните избори тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе“, порача Мицкоски денеска од Кичево.
Во барањето на интегративците, премиерот гледа обид на ДУИ и Али Ахмети да ја дефокусираат јавноста и да го поларизираат населението по етничка линија, по информациите кои стигнуваат од секаде од светот, како што рече, како потврда за нивното криминално однесување.
„Тоа нема да го дозволиме како Влада. Стигаат потврдите за криминалното однесување на оваа политичка структура и гарнитура изминатите 20-тина години.
Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на ДУИ“, вели премиерот.






