Илјадници луѓе се собраа доцна вечерта во Истанбул на протест за поддршка на уапсениот градоначалник, и покрај предупредувањето на турскиот претседател Реџеп Ердоган дека властите ќе се борат против „уличниот терор“, пренесува АФП.
Најмалку 10.000 луѓе излегоа марширајќи кон градското собрание. Многумина држеа плакати со пароли како „Не плаши се, народот е тука“ и „Права, закон, правда“.
Тоа беше трета по ред ноќ на демонстрации за поддршка на Екрем Имамоглу – главниот политички ривал на Ердоган – кој беше уапсен во средата, само неколку дена пред официјално да биде објавен како кандидат на претседателските избори во земјата во 2028 година.
Протестите брзо се проширија во најмалку 32 од 81 провинција во Турција, според пребројувањето на АФП.
Главната турска опозициска партија ЦХП, која има намера да го направи Имамоглу свој претседателски кандидат, го опиша неговото апсење како „државен удар“.
Претходно Ердоган предупреди дека „Турција нема да се предаде на уличниот терор“.
„Дозволете ми да кажам јасно и гласно: уличните протести повикани од лидерот на ЦХП се ќорсокак“, предупреди Ердоган. Неговата влада ги опиша протестите како „нелегални“.
Властите забранија протести во Анкара и во Измир.






