„Меѓу чудесни пријатели денес во Охрид! Убеден сум дека ВМРО ДПМНЕ под водство на Христијан Мицкоски ќе биде најдобар пример како му служи една партија на својот народ и како го зајакнува граѓанинот!“ – напиша на својот фејсбук профил Илир Мета по средбата вчера, на 18 август 2024 година во Охрид со премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со неговите партиски соработници Александар Николовски и Владо Мисајловски, едновремено и министри во Владата на Република Македонија. Илир Мета бил претседател на Албанија од јули 2017 до јули 2022 година. Тој бил и премиер на Албанија од 1999 до 2002 година, а претседател на нејзиниот парламент од 2013 до 2017 година. Сега Мета е претседател на Партијата на Слободата, а е и нејзин основач.
Објавата на Илир Мета на фејсбук ја пренесе ТВ Клан Македонија во информацијата со наслов „Илир Мета го продолжува пријателството со ВМРО-ДПМНЕ: Преживеаја сурови прогони, но не се предадоа“. ТВ Клан Македонија напиша: Поранешниот претседател на Албанија Илир Мета се сретна во Охрид со премиерот на * Македонија Христијан Мицкоски, како и со други политичари и министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Мета го изрази својот ентузијазам од оваа средба, по која на фејсбук напиша дека неговите пријатели од ВМРО ДПМНЕ ги преживеале прогоните против нив и оти се денес победници.
На општествената мрежа Мета објави: Меѓу чудесни пријатели денес во Охрид! Бев среќен, што им ја честитав одблиску победата на премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Алаксандар Николовски и на министерот за одбрана Владо Мисајловски. Никогаш не сум се сомневал во Победата на овој чудесен тим, со карактер и многу визија. Ги преживеаја најсуровите прогони, но никогаш не се откажаа и Победија!
Разговаравме и за важноста на изградбата на Коридорот 8 и среќен сум што ги чув новитетите од нивната економска програма.
Убеден сум дека ВМРО под водство на Христијан Мицкоски ќе биде најдобар пример како му служи една партија на својот народ и како го зајакнува граѓанинот!





