„Изјавуеме високо дека Грција нема никаква врска со името Македонија, ниту има право на него“

Научна анализа: м-р Свето Тоевски



На 7 јуни во 1991 година со одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија одредницата „Социјалистичка“ од името е изоставена и македонската држава го понесува називот Република Македонија. Во статијата со наслов „Промени на името низ историјата“, објавена на 12.2.2019 година весникот „Нова Македонија“ има напишано: „Од 1944 до 1946 година државава се именува како Демократска Федерална Македонија. На 8 март 1946 година името се менува во Народна Република Македонија. Во 1963 година државата добива име Социјалистичка Република Македонија. Називот Република Македонија од 7 јуни 1991, поради противењето на Грција, е сменет при нејзиниот прием во ООН на 8 април 1993 година во ‘ФИРОМ’ – ‘Поранешна Југословенска Република Македонија’, како ‘привремена референца’, но која стана ново ‘име’ во меѓународни рамки.“

Република Македонија реално и натаму постои, наспроти „Преспанското неправо“!

Откако на 17 јуни 2018 година со „добрососедскиот“ Преспански договор беше „решен“ спорот меѓу Македонија и Грција, насилно со обезименување на македонскиот народ, потоа на 11 јануари 2019 година македонското Собрание го промени уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“. Со прекршување на сите резолуции на Организацијата на Обединетите Нации, на меѓународното право, на македонскиот устав и сите домашни закони. Строго анализирано од гледна точка на македонското и меѓународното право, името Република Македонија и натаму постои! Постои и таа како држава! Тие се само тргнати на страна, фрлени во најдлабоката темнина на периферијата на македонското и меѓународното (не)право, без оглед што во регистерот на Организацијата на Обединетите Нации е „запишана“ „северна Македонија“.

Кој е валидниот правен аргумент за оваa констатација? Класичен „закон“ е дека неправото не може да создаде право, правни последици и обврски, и во македонски и во меѓународни рамки. Во апсолутна и реална смисла името Република Македонија постои и натаму, тоа е само потиснато со помош на правно-уставниот и идентитетски „инженеринг“ во најтемните длабочини на „Преспанското неправо“. Неважечки и ништовен е „Преспанскиот договор“: сите правни целосни прекршувања на македонските закони и уставот, како и целосните прекршувања суспендирања на нормите и принципите на меѓународното право. Особено на врховниот меѓународен принцип „јус когенс“, недозволивоста на завлегувањето во принципот на личното и колективно национално самоопределување и менувањето било чиј етнички идентитет.

Ништовен е обидот со „Преспанското неправо“ да се поништи и важноста на референдумот од 2018 година, со кој македонскиот народ ја искажа својата политичка волја и експлицитно го отфрли Преспанскиот договор. Прогласувањето на тој задолжителен референдум како „консултативен“, односно како „необврзувачки“, е најгрубо газење на елементарните уставни начела и одредби од односните закони на Република Македонија. Професорот по меѓународно право д-р Игор Јанев веќе има посочено со кои правни аргументи може да се поништат Преспанскиот договор и ништовниот конструкт „северна“, а името Република Македонија да се врати во македонската и светската реалност, со возобновувањето на седумдеценискиот државно-правен и меѓународен субјективитет на македонската држава како Република Македонија.

На 22 септември 1946 година на предизборниот митинг во Битола македонскиот револуционер, општественик и државник Димитар Влахов ќе порача во името на сиот македонски народ: „Изјавуеме високо дека Грција нема никакво право на Егејска Македонија“. Во духот на оваа знаменито, иако неостварено барање на Влахов, денес македонскиот народ порачува: „Изјавуеме високо дека Грција нема никаква врска со името Македонија, ниту има какво било право на него. Бараме тоа да ни се врати, оти ни припаѓа само нам.“ Оваа народна македонска вистина може да се поткрепи со многу научни студии и научни трудови на објективни научници од светот и Македонија, кои ги разголуваат сите грчки фалсификати на објективната македонска етноидентитетска реалност.

Македонија не е само уставно, туку и генеричко име на македонската држава, поврзано со создавањето и името на македонскиот народ

Д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја во Скопје во својот научен труд со наслов „Македонскиот идентитет и историските проучувања“ (стр.32) аргументирано покажува дека името Македонија е не само уставно, туку е и многу повеќе генеричко име на македонската држава, што значи: директно и нераскинливо произлезено од името и од создавањето на македонскиот народ како македонски, кој отсекогаш живеел на територијата именувана како Македонија. Односно, дека Грција никогаш, и од античките времиња се до ден денешен немала, ниту има каква било поврзаност, ниту „сопственост“ врз терминот „Македонија“.

Професорката Ристовска-Јосифовска пишува: „Според д-р Според Анета Шукарова (2008), ‘македонскиот идентитет може да се изведе од три темелни ентитета: античка Македонија, славјанството и христијанството’. Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос (Ristovski 1999) се јавуваат неколку основни идентитетски одредници: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја.“

Во американската „Нова универзална циклопедија на Џонсон: научна и популарна ризница на корисно знаење“ од 1876 година (стр.664) се нагласува прецизно: „Македонија не ѝ припаѓа на античка Хелада.“ По 112 години во својата научна статија со наслов „Античка Македонија, Александар Македонски и Ѕвездата, или Сонцето од Вергина: националните симболи и конфликтот меѓу Грција и Република Македонија“ (стр 591), исто така, и американскиот професор по антропологија Лоринг Денфорт јасно и прецизно укажува колку „името Македонија ѝ припаѓа на Грција“, дали навистина „не постојат Македонците како народ“, но и во колкава мера „македонскиот јазик не постои“, туку е „лингвистички идиом на Скопје“. Денфорт одбил во 1988 година да настапи на „Првиот меѓународен конгрес за македонски студии“ во организација на Институтот за македонски студии на Ла Троуб Универзитетот во Мелбурн, во Австралија – организиран од грчката дијаспора и политички чинители од Грција.

„Не се согласив да учествувам на Конгресот, за да го поддржам тврдењето на грчката Влада дека ‘Македонија била, е и секогаш ќе биде грчка’. Не бев заинтересиран да им го ускратам правото на Македонците во Балканот, или во Австралија да се идентификуваат како Македонци. Веднаш сфатив дека имам научна и морална обврска јавно да се оградам од грчката националистичка политика кон ‘Македонското прашање’.“ – изнел Денфорт во таа научна статија.

Имајќи ги предвид сите научни политички, правни, уставни, антрополошки и идентитетски аргументи, може да се заклучи: македонскиот народ очекува во Собранието на Република Македонија, во храмот на неговата, македонска државност, во политички оптимален домашен и меѓународен момент да се изврши нова „промена“ на името, поточно бришење на „северна“ и враќање на Република Македонија во нејзиниот Устав.

Во оваа научна анализа изнесувам ставови и констатации, кои не се поврзани со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка политика на кој било медиум во Република Македонија.