Пишува: Свето Тоевски
„Артан Груби не избегал од Македонија, бидејќи тој се наоѓа некаде во албанските простори. Тој е подготвен да ги почитува законите, да се појави и да одговара пред органите на правдата, но не пред оваа одмздничка и селективна правда!“ – оваа изјава на лидерот на ДУИ во Приштина, дадена вчера во Приштина, ја пренесе ТВ Алсат, додавајќи во својата вест: „Ахмети кажа дека знае од неговите 22 години владеење со државата оти системот во * Македонија работи на одмазднички и селективен начин. Тој иронизираше со ВМРО ДПМНЕ и ја нападна дека спроведува лов на Груби. ДУИ ќе соработува и со меѓународните претставници.“ Поправо, Али Ахмети не иронизира со ВМРО ДПМНЕ, владејачката партија, туку тој се мајтапи со државата Македонија и ѝ го негира нејзиниот територијален интегритет, велејќи дека „Груби не избегал од Македонија, зашто се наоѓа некаде на албанските простори“. Значи, според Али Ахмети Македонија не е засебна држава, туку е „составен дел на албанските простори“, зашто во неговата претстава нема граница меѓу Македонија и тие „албански простори“, па Груби може да си „шета ваму-таму“ низ тие „албански простори“, секогаш наоѓајќи си се „дома“! Потврда за својата замисла за „интегралноста на албанските простори“, во кои Македонија не е нешто засебно и изделено, Ахмети даде и со својата објава на фејсбук-профилот од вчера, во која проговори и за „поврзувањето на Албанците“ од македонскиот град Струга се до косовскиот град „Митровица. „Нам ни треба и натаму заедничко дејствување и размислување, а не поделено, бидејќи прашањето беше едно и УЧК ја покренавме заедно. Сите процеси ќе ги доведеме заедно се до зачленувањето на Косово во НАТО и ЕУ. Ова се точките, кои не поврзуваат од Струга се до Митровица.“ – порача Ахмети од Косово, каде што вчера присуствуваше на „одбележувањето на Денот на ветераните на УЧК на Косово“.
Премиерот на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски му одговори на лидерот на ДУИ Али Ахмети во стил соодветен на неговите исмевања и негирања на правдата и на државата Македонија. Во вечерашниот поткаст Мицкоски упати сериозна критика кон ДУИ, посочувајќи дека се наоѓа на пат на радикализација и криминализација. Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а претставата на јавноста за таа партија е многу изменета во споредба со минатото.
„ДУИ е политичка партија, која што во моментот претставува опасна закана и радикален милитантен елемент не само во Македонија, туку и регионално.“ – нагласи Мицкоски, додавајќи дека во ДУИ ие не се свесни, оти времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.
Премиерот Мицкоски упати сериозни забелешки за начинот, на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал. „За нив е сосема неважно што мисли ВМРО-ДПМНЕ мисли, но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратегиски партнери.“ – предупреди Мицкоски.
Мицкоски беше јасен дека државата ќе мора да реагира, ако ДУИ не користи демократски инструменти, иако има демократско право да води своја политика.“ „Прифатливо е се додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика. Но во првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира.“ – нагласи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.






