Израелската војска денеска го бомбардираше Појасот Газа, вклучително и Рафах, еден ден откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) му нареди да ги прекине своите операции во областа, јавуваат агенции.



Највисокиот суд на ОН, чии пресуди се правно обврзувачки, но нема механизми за нивно спроведување, исто така му нареди на Израел да го задржи отворен преминот Рафах, неопходен за влез на хуманитарна помош, но кој беше затворен по започнувањето на копнената операција на почетокот на мај.

Израел се бранеше со тврдењето дека „не спровел и нема да спроведе воени операции во областа Рафах кои создаваат услови за живот што би можеле да доведат до уништување на палестинското цивилно население, целосно или делумно“.

Рано утринава, палестински сведоци и тимови на АФП известија за израелски напади врз Рафа (југ), град на работ на Египет, но и врз Деир ал Балах (во централниот дел).

Судот, пред кој Јужна Африка го обвини Израел за „геноцид“, нареди не само итен прекин на огнот во Рафа, отворање на истоимениот граничен премин за да се дозволи влез на хуманитарна помош, туку и „итно и безусловно ослободување“ на заложниците држена од Хамас во Газа.