Израелската војска во средата соопшти дека убила околу 90 вооружени лица и уапсила 160 во рација на болницата Ал Шифа во Газа.



Ал Шифа, најголемата болница во Појасот Газа пред војната, сега е една од ретките здравствени установи што е дури и делумно оперативна на северот од територијата, а во неа се сместени и раселените цивили, јави Ројтерс

„Во текот на изминатиот ден, војниците елиминираа терористи и лоцираа оружје во болничката област, притоа спречувајќи штета на цивили, пациенти, медицински тимови и медицинска опрема“, се вели во соопштението на војската.

Рацијата на Израел во болницата започна во раните утрински часови во понеделникот. Војската соопшти дека испратила специјални сили поддржани од пешадија и тенкови, врз основа на разузнавачки информации дека болницата повторно била користена од вооружени лица.

Израел се соочи со жестоки критики во ноември минатата година, кога војниците првпат ја нападнаа болницата Ал Шифа. Војниците таму открија тунели за кои рекоа дека биле користени како командни и контролни центри од Хамас.

Хамас и медицинскиот персонал негираат дека болницата била користена за воени цели или за засолниште на борците.