По 15 месеци, Хамас и Израел постигнаа договор за запирање на непријателствата и ослободување на заложниците. Веста за прекин на огнот ја потврди и новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп
-Овој епски договор за прекин на огнот може да се случи само како резултат на нашата историска победа во ноември, бидејќи му сигнализираше на целиот свет дека мојата администрација ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се обезбеди безбедноста на сите Американци и нашите сојузници. Воодушевен сум што американските и израелските заложници ќе се вратат дома за да се обединат со своите семејства и најблиски. Со овој договор, мојот тим за национална безбедност, преку напорите на специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ќе продолжи да работи со Израел и нашите сојузници за да обезбеди Газа никогаш повеќе да не стане безбедно засолниште за терористите. „Ќе продолжиме да го промовираме мирот , напиша Трамп.
Договорот ќе стане официјален кога ќе биде ратификуван од израелската влада, на седницата што треба да се одржи денеска или четврток. Договорот ветува етапно ослободување нa десетици заложници кои ги држеше Хамас, ослободување на стотици палестински затвореници во Израел и им овозможува на стотици илјади луѓе кои избегаа од Газа да се вратат во своите домови.
“Jerusalem Post” претходно објави дека договорот се очекува да има три фази. Во првиот Хамас би ослободил 31 заложник, а израелските одбранбени сили постепено би се повлекле од Појасот Газа, но би го задржале безбедносниот периметар. Израел, исто така, ќе ги ослободи терористите осудени на доживотен затвор, вклучително и оние кои учествувале во нападот на 7 октомври 2023 година. Првата фаза би траела 42 дена, за време на која ИД ќе одржи присуство во коридорот Филаделфија. На првиот ден, три жени држени во заробеништво од Хамас ќе бидат ослободени.
Договорот се очекува да донесе шестнеделен прекин на борбите, со отворање на преговорите за целосен крај на војната.





