Во израелските воздушни напади врз Појасот Газа утринава загинаа најмалку 330 луѓе, јави Би-Би-Си.
Тоа е најжестокиот напад на Израел од потпишувањето на примирјето во јануари.
Многу луѓе пред зори доручкуваапочитувајќи го постот за светиот месец Рамазан, кога започнале експлозии во Газа, велат очевидци.
Повеќе од 20 израелски воени авиони прелетаа, велат тие. Авионите потоа почнаа да гаѓаат цели во градот Газа, Рафах и Кан Јунис.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац ги наредија нападите во вторник наутро, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
„Ова доаѓа по постојаното одбивање на Хамас да ги ослободи нашите заложници, како и неговото отфрлање на сите предлози што ги доби од американскиот претседателски претставник Стив Виткоф и од посредниците“, се вели во соопштението
„Израел, отсега натаму, ќе дејствува против Хамас со зголемена воена сила“, се додава како што пренесува Би-Би-Си.
Израелски функционер подоцна изјави за Си-Ен-Ен дека обновените напади врз Газа биле „превентивни“ и биле насочени против „подготвеноста на Хамас да изврши терористички напади, да изгради сили и повторно да се вооружи“.
Тој рече дека нападот бил насочен кон „воени команданти од среден ранг, високи функционери и терористичка инфраструктура“.
Нападите на Израел ќе продолжат „се додека е потребно и ќе се прошират надвор од воздушните напади“, додаде официјалниот претставник, но одби да ги елаборира обвинувањата против Хамас за да не „дадат информации на непријателот“.
Висок претставник на Хамас изјави дека Израел еднострано го откажал договорот за прекин на огнот.





