Војската на Израел соопшти дека нејзините сили го прекршиле протоколот со тоа што врзале ранет Палестинец за предниот дел од нивното возило за време на рација во градот Џенин на Западниот Брег.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) го потврдија инцидентот откако беше снимен и споделен на социјалните мрежи.
Во соопштението на ИДФ се вели дека мажот бил ранет во размена на оган за време на рацијата, а дека тој бил еден од осомничените кој отворил оган кон израелските сили.
Семејството на повредениот вели дека кога повикале итна помош, војниците го однеле мажот, го врзале за хаубата од нивниот џип и се оддалечиле.
Лицето на крајот било пренесено на лекување во Црвената полумесечина.
Израелската војска соопшти дека инцидентот ќе се истражува.
„Спротивно на наредбите и стандардните оперативни процедури, осомничениот бил врзан за возило од страна на војската. Однесувањето прикажано на видеото од инцидентот не е во согласност со вредностите на ИДФ“, се вели во соопштението на ИД.






