Повеќе грчки медиуми, вклучувајќи го и тиражниот весник „Катимерини“, ги пренесуваат резултатите од анкетата на Брима за (не)расположението на македонските граѓани за промена на името на државата заради влез во НАТО, при што во извештаите преовладува изненаденост и зачуденост.
„Изненадувачка анкета во Скопје: Што мислите за промена на името?“ е насловот на порталот на телевизијата Стар, која објави дека на неодамнешната средба во Брисел на посредникот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји за името Македонија сама предложила да се вика Нова Македонија.
„Изненадувачка анкета во Скопје за промената на името“ е насловот на порталот „Ант1иво“, а написот на „Кретедок“ е насловен „Изненадувачки наоди од анкета во ПЈРМ за промена на името“.
Извор на информацијата најчесто им е денешната порака на пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски на „Твитер“ со табеларен приказ на одговорот на прашањето „Дали се согласувате или не се согласувате со промена на името Република Македонија како услов за членство во НАТО?“.
Според одговорите, 15,6 отсто од Македонците се согласуваат и 67,1 отсто не се согласуваат, а кај Албанците тој сооднос е 81,4%:7,2% во прилог на менување на името заради НАТО. Просечно, 49 проценти од испитаниците се против, на што треба да се додадат и 10,3 отсто што не сакаат во Алијансата без оглед на условите, а 35 отсто би влегле по секоја цена.





