Изманици користат фотографии од болни и мртви деца наводно со цел да собират донации од граѓани за наводно нивно лекување, а лажни хуманитарни кампањи се појавија во неколку европски земји, меѓу кои и Хрватска, открива Индекс.хр.



“Состојбата на Алекс брзо се влоши. Третманите се брутални, оставајќи го слаб и едвај може да оди. Вреска од болка, неговото мало тело гори од треска. Како мајка треба да го заштитам, но се чувствувам беспомошно. Неговите повици за помош прогонувај ме секој ден и ноќ“, пишува во статус на социјалните мрежи на кој има и фотографија од момчето во болница, пренесува порталот.

Линкот во статусот оди на страница за собирање средства со текст наводно напишан од мајката на момчето. Текстот е преведен со помош на алатката Google Translate и истиот текст е објавен на други јазици. Во текстот не е наведен идентитетот на мајката.

Наводното хуманитарно здружение тврди дека е регистрирано во Њујорк. На адресата што ја даваат има станбена зграда. Индекс побарал доказ дека не се работи за измама, но одговор – нема.

Здружението има адреса и во Лондон, исто така во станбена зграда.

Идентични кампањи беа објавени и на други јазици, еден од нив на бугарски. Тамошните медиуми објавија дека во кампањата „Алекс – секогаш силен“ користени се фотографии од момче кое боледувало од тумор – но починало.

Во Бугарија се појави друга верзија на оваа измама со наслов: „Софија мора да преживее“.

Станува збор за девојче од Украина, за која е покрената хуманитарна акција во Полска. Фотографиите на девојчето се украдени, а нејзината приказна е преведена на повеќе јазици, меѓу кои и на бугарски.

„Овие средства сигурно не стигнуваат до Софија. Семејството потврди дека собира пари само преку полската кампања“, рече Павел Андреев, основач на PavelAndreev.BG, бугарска платформа за собирање средства.

Бугарската кампања за Софија е отстранета од Фејсбук…

Бугарските медиуми јавуваат дека се појавила уште една – онаа за болно девојче Ана.

Павел Андреев за бугарската ТВ Нова изјави дека измамниците се наоѓаат во земји од третиот свет кои не соработуваат во откривањето на измамите.

На страницата за собирање донации е наведено дека повеќе од 14.000 луѓе донирале 474.239 евра. Целта им е да соберат 595.208 евра.

Прикажани се и наводни донации…