Десет илјади евра изгубил македонски државјанин при измама во трговија со криптовалути, велат од МВР во изјава за Гласот на Америка.
Случајот бил пријавен во МВР, а го истражува одделот за компјутерски криминал.
Ова е една од четирите пријавигодинава за оштетени македонски граѓани во трговијата со криптовалутите . Тројца од оштетените биле од подрачјето на СВР Охрид, а еден е од подрачјето на СВР Велес.
Поведени од овие примери, неодамна една од домашните банки упати и предупредување до клиентите:
„По укажувања од МВР за измами преку наводни инвестиции во крипто валути АПЕЛИРАМЕ да бидете внимателни каде и како ги откривате вашите лични финансиски податоци“.
Криптовалутите станаа повторно атрактивни после претседателските избори во САД. Биткоинот до 5-ти ноември, денот кога беа изборите, вредеше нешто над 69.000 долари. За неполн месец од тогаш надмина вредност од 95.000 долари.
Токму тој раст и атрактивност отвораат можности за заработки, но и за бројни ризици и измами, пишува Гласот на Америка.
Еден од советите на познавачите е да се внимава во кои криптовалути се вложуваат средствата.
„Не треба да се верува на секоја криптовалута. Има многу криптовалути коишто најверојатно ќе исчезнат. Позади нив не стои сериозна организација, нема некоја сериозна технологија, ќе немаат некоја сериозна примена“, укажува универзитетскиот професор и претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија при Сојузот на стопанските комори на Македонија, Орце Симов за Гласот на Америка.






