„Многу сум лута на себе. Се чувствувам изневерена, изиграна, измамена и безнадежно наивна…“.
Професорката Гордана Поп Симонова, една од најистакнатите интелектуалки кои преку разните пленуми и „шаренила“ му се придружија на СДСМ во уривањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, само неколку месеци подоцна не ги крие разочараноста, лутината и, како што самата признава, чувството дека е изневерена и измамена од оние на кои им помогна да се приграбат до власта.
Во еден, очигледно, искрен излив на огорченост, таа јавно му се обраќа на владејачкиот СДСМ со она вечно прашање кое го имаат во устата сите оние што силно верувале во нешто, а потоа нагло и горко се разочарале.
„Дечки од СДСМ, за што се боревме? За пратенички патни трошоци од по илјада евра месечно? За едни исти луѓе да запоседнат во по неколку управни и надзорни одбори со паушали од по 200/300 евра? За директорски места по јавни претпријатија наменети за партиски кадри, чија единствена гаранција за компетентност и стручност е партиската книшка? За партиски членови на разни комисии кои си делат дневници и вишоци како ќе им текне?
Или, пак, за оние патувања по Јужна Америка со прва класа за да се види како изгледа авантуристички туризам? Или за рекетирањето фирми од разни агенции за обезбедување кои се претставуваат како вам блиски – прашува професорката Попсимонова, а потоа, како што вели, им „соопштува неколку битни работи“ за тоа со чија помош дошле на власт, за нивната (не)способност, (не)компетентност, склоност кон корупција и цела низа други гревови.
-Прво! Дечки од СДСМ, вие не го симнавте Груевски со ваши програми, идеи и проекти. Да бидеме искрени, ги немавте. Го урнавте со „бомбите“ на Заев. А зад нив, зад снимените разговори, стојат неколку доблесни и храбри мажи кои си ги ризикуваа здравјето и животот за да го изнесат на виделина монструозното лице на претходната власт. Им рековте ли барем „благодарам“? Знаете ли кои се и помисливте ли како да им возвратите?
Второ! Дечки од СДСМ, вие како партија не го урнавте Груевски. Не ве биваше. Партијата ви беше партал, што од внатрешни фракциски борби (фала на прашање – сега се повидливи и помногубројни од кога било), што од мрза да изработите ефективна и ефикасна стратегија за мобилизирање на граѓаните, што од систематското деструктивно дејство на ВМРО-ДПМНЕ. Јавна тајна е дека огромен дел од вашите сегашни јастреби, имаа добра (да не кажам – плодна) соработка со партијата која сега е во опозиција и по која едногласно плукаат.
Трето! Дечки од СДСМ, барем половина од гласовите, со кои на 11 декември 2016 година освоивте 49 пратеници, не се од ваши членови. Како што барем половина од оние што протестираа изминатите три години не се ваши членови. Како што барем половина од присутните на најголемиот антивладин митинг во мај 2015 година не беа ваши членови.
Како што 90 отсто од студентските, професорските, средношколските или новинарските пленуми кои го покренаа граѓанскиот отпор не беа ваши членови. Вие само како муви ѕунѕари се прилепивте на веќе артикулираниот граѓански активизам, давајќи му партиска боја.
Четврто! Дечки од СДСМ, тоа што во власта инкорпориравте дел од НВО-секторот или од „Шарената револуција“ не ви е никакво алиби за лошиот старт.
Стартот ви е ужасно лош. Сѐ скандал до скандал, и тоа за ситнокорупциски глупости. А за долгоочекуваните и на сите можни фанфари најавувани длабоки реформи во правосудството, безбедносниот сектор, администрацијата или медиумите кои се сведоа на плитки бразди, нема да арчам зборови. Доволни се реакциите од угледни експерти кои членуваат во нив.
Дечки од СДСМ! Јас и илјадници како мене, по следот на околностите и под принуда на ситуацијата, се најдовме на иста страна. Си ја врзавме судбината со вашата партија и бевме таму каде што требаше да се биде, за да се стори тоа што требаше да се направи. Кога беше најтешко. Токму затоа, бараме само едно од вас – да не бидете како нив. За тоа се боревме“, заклучува професорката.





