„Министерство за правда да ни помогне да имаме струја. 15 години сум без струја, на свеќа живеам. Срамота. Лопови, лопови“. „Да му кажам на министерот дека три години сум без струја, девојчињата работеа, отидоа во Германија да се мачат да чистат по Бургер Кинг и Мекдоналдс, за да ги вратиме долговите на извршителите“. Ова беа само дел од паролите на граѓаните кои гневни излегоа на улица.

Извршителите не го почитуваат законот за застарување на предметите, ниту пак ги почитуваат судските одлуки, реагираат од здруженијата „Човекот над профитот“ и „Нон пасаран“. Тие денеска заедно со голем број граѓани се собраа пред Министерството за правда од каде бараат од министерот да им наложи на извршителите да го почитуваат законот за кој инаку и Уставниот суд го отфрли иницијативите поднесени за преиспитување на уставноста на законот. Ова што сега го прават со непочитување на законот е кривично дело, вели Ана Глигоровска од „Човекот над профитот“.
„Под итно Министерство за правда да постапи според Уставот. Тие бараа Уставен суд, ете Уставен суд ги одби сите иницијативи. Бараме од министерот едноставно да ги процесуира застарувањата, законот да го спроведе, затоа што сите застанаа зад законот. Министерот за правда и министерот не се зад законот што е донесен во Собрание и потпишан од претседателот“, вели Ана Глигоровска.

На протестот дојдоа голем број граѓани кои со години имаат проблеми со извршителите. Со транспаренти во рака бараа од министерот да се спроведува законот. Дел од нив се пожалија и дека поради тоа со години живеат без струја.
На протестот повеќето граѓани потпишаа писмени барања кои ги доставија до Министерството за правда, со кој се бара примена на измените на Законот за облигациони односи со кои долгови над 10 години застаруваат.





