Изборно лобирање на Касами за ДП среде Тирана: Таа е центарот, кон кој сме ориентирани и ние, Албанците, надвор од политичките граници на Албанија?!

„Градоначалникот на Тетово Билал Касами соопшти дека престојува во Тирана, каде што заедно со кандидатката за пратеничка од Демократската партија Јорида Табаку имале средби со граѓани во пресрет на парламентарните избори.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алфакс“. Покрај ова, „Експрес“ ги пренесува и лобирањето и пораката на Касами, градоначалник на Тетово, град во Република Македонија, кои ги упатува преку видео-снимка, поставена на фејсбук на два дена спроти парламентарните избори во Албанија, кои ќе се одржат на 11 мај 2025 година. „Тирана е центарот, кон кој сме ориентирани ние, Албанците, без оглед што сме надвор од политичките граници на Албанија! Победата на Демократската партија на Албанија ќе биде двојна надеж, надеж и за Албанците од С.Македонија. Се надевам дека Јорида ќе биде во Парламентот, бидејќи само така така ние, Албанците ќе имаме свој силен глас во Собранието на Албанија, но се надевам бездруго и во Владата на Албанија!“ – порачува Касами преку таа снимка на видео. Ова му е вторпат да се впушта во предизборна кампања за албанска политичка партија во Балканот, надвор од Република Македонија: на 9 февруари 2025 година тој лично, заедно и до други челници на коалицијата Вреди, имаше средби со тамошни граѓани-Албанци спроти косовските парламентарни избори. Касами најотворено лобираше за партијата Ветвендосје (Самоопределување“) и нејзиниот лидер Албин Курти, сега на позиција вршител на должност премиер. „Не заборавајте дека денес сами одлучувате за вашата судбина, за судбината на Косово, но и за судбината на сите Албанци во регионот. Затоа, ве повикувам да излезете и да гласате  колку е можно помасовно, да ги поддржите премиерот Албин Курти и Самоопределување!“ – имаше тогаш порачано Касами.



Денес во својата информација со наслов „Касами и Јорида Табаку, кандидатката на Демократската партија за пратеничка, заедно се среќаваат со граѓаните“ „Алфакс“ ја наведува објавата на Касами преку општествените мрежи: „Во Тирана, заедно со кандидатката на Демократската партија за пратеничка Јорида Табаку, жена која се занимава со политика со срце, не од канцеларии, туку блиску до луѓето, на улиците, во населбите, таму каде што животот е реален. Постојат политичари, што зборуваат во име на граѓаните, но има и такви, кои одат рамо до рамо со нив, ги слушаат внимателно и дејствуваат одговорно. Јорида е една од нив. За ова, ѝ ја дадов мојата поддршка, бидејќи таа добро знае што значи да им се служи на Албанците. Дистрибуиравме флаери, но највредното беа искрените, директни разговори со луѓето. Затоа што кога си во нивна близина, лице в лице со реалноста, подлабоко чувствуваш што ѝ недостасува на оваа земја. И кога ќе ги слушаш со срце, разбираш зошто вреди да се бориш за утре. Со сето срце, успех на изборите, Јорида – Тирана има потреба од твојот глас.’ – напиша Касами.“

Инаку, на фејсбук е поставена и пропагандна видео-снимка со Јорида Табаку и градоначалникот на Тетово Билал Касами, наречен од неа „пријател на Демократската партија и нејзин“, во која Касами изјавува, поточно упатува следна порака: „Овде сум во Вора, во срцето на Албанија, за да ја дадам поддршката своја, од Тетово и од Албанците каде и да се, за Демократската партија и за Јорида Табаку, мојата пријателка. Тирана е центарот, кон кој сме ориентирани ние, Албанците, без оглед што сме надвор од политичките граници на Албанија. Победата на Демократската партија на Албанија ќе биде двојна надеж, надеж и за Албанците од С.Македонија. Се надевам дека Јорида ќе биде во Парламентот, бидејќи само така така ние, Албанците, ќе имаме свој силен глас во Собранието на Албанија, но се надевам бездруго и во Владата на Албанија.“