За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – да се раскине или да се репреговара, порача идниот мандатар Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на Самитот Македонија 2025. Доколку се раскине ќе се оди на арбитража и ќе ја чини државава стотици милиони евра.
-Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа Влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме, истакна Мицкоски.
Тој најави дека во првите сто дена новата влада ќе објави гринфилд инвестиција во енергетиката, вредна 400 – 500 милиони евра. Се работи, рече, за приватен капитал, за голем играч со исклучително големи европски финансиски институции во акционерската структура. Обртот на компанијата би била околу 80 – 100 милиони евра по основа на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати, а договорот со неа е завршен. Според Мицкоски, ќе се произведува околу еден терават час електрична енергија што е една третина од производството на РЕК Битола.






