Српскиот министер за надворешни работи ги упати нашите државни власти на Српската православна црква по барањето на македонска делегација да и се дозволи годишнината од најголемиот македонски национален празник Илинден да го одбележи во Манастирот Прохор Пчињски.



“Тоа нема врска со државата, тоа е манастир. Не може државата да одлучува за тоа. Тие секоја година ни се обраќаат, ние тоа барање го проследуваме до црквата, црквата со нив комуницира, а вие знаете какви се односите во тој дел. Тука нема никакви дилеми”, рече Дачиќ денеска на прес конференција.

Одговарајќи на прашање за односите со Македонија и дали некои негови изјави влијаеле на влошувањето на овие односи, Дачиќ потсети на неговата изјава оти Србија ја признала Македонија под уставното име, а Македонија подоцна го призна Косово и гласаше за прием на Косово во УНЕСКО.

“Како ги нарушив односите со тоа што го кажав? Јас со нив се разјаснив. Како тие кон нас, така и ние кон нив и точка. И не само со нив, туку и со сите други”, рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија истакна дека Србија има желба за подобрување на односите со Македонија и дека многу направила на тоа поле.

“Ние вложивме во односите со Македонија. Тие, секогаш гласаа против нашите интереси. Не можам сега да кажам браво. Лути сме” рече Дачиќ.