Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска преку соопштение од неговиот Кабинет реагираше на одлуката на Министерството за надворешни работи за протерување руски дипломат за кој се смета дека се обидувал да дојде до сензитивни и класифицирани информации значајни за безбедноста на земјата.
„Македонија како земја кандидат за членство во Европска унија ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Иванов повика на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика.





