„Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро, да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството“, рекол претседателот Ѓорѓе Иванов на денешната средба со првиот човек на Алијансата, Јенс Солтенберг.
На средбата станало збор за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса, соопштија од Кабинетот на претседателот.
Шефот на македонската држава истакнал дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.
Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, се додава, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии, а Иванов го потсетил генералниот секрертар на НАТО дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО.





