Иванов: Неуспехот на ЕУ на Балканот е повик за Кина и за Русија

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов смета дека Европска унија ја остава вратата отворена за стратешко позиционирање на Кина и на Русија на Балканот поради нејзиниот апсолутен неуспех да се ангажира и да инвестира во регионот.
„До неодамна немавме видено руски инвестиции во Македонија. Но, како што Европа се повлекува – поточно, не ги одржува своите ветувања дека Балканот ќе стане дел од Европска унија – тоа е како повик од ЕУ да дојде друг и да го пополни тој простор“, изјави Иванов за лондонски „Телеграф“. „Сега доаѓаме до ситуација каде што користиме кинески пари и кредити за изградба на европскиот коридор што транзитира низ територијата на Македонија. Тоа е парадокс. Токму на тоа мислам кога зборувам дека Европа се повлекува. Тоа е како повик за Кина“.
Иванов како проблем на својата земја ја посочува и грчката блокада на членството на Македонија во евроатлантските структури, што, според него, е уште еден показател за изолираниот пристап на ЕУ кон предизвиците со кои се соочува континентот.
„Ние имаме политичка криза на секои две до три години. Замислете го чувството да сте заглавени во лифт две или три минути. Тоа е депресивно. Тоа ве прави да се чувствувате немоќни. Замислете нè заглавени во таков лифт веќе 26 години“, објасни тој.
Шефот на македонската држава ја повика Европа и да ги научи лекциите од историјата, цитирајќи го германски канцелар последните децении на 19. век, Ото фон Бизмарк.
„Бизмарк еднаш рече дека тој што ја контролира долината на реката Вардар, ги контролира и врските меѓу Европа и Блиски Исток. А тој што ги контролира врските меѓу Европа и Блиски Исток, исто така ги контролира врските меѓу Европа и Азија. Се чини дека ЕУ го заборави ова“, изјави Иванов.