Достоинствено решение што нема да задира во идентитетот на македонскиот народ е ставот на претседателот Ѓорге Иванов по денешната средба со специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединети нации за прашањето за името, Метју Нимиц.
„Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.
„Претседателот Иванов потенцира дека решението за разликата околу името може да се бара само во рамките на Обединети нации и го реафирмира ставот дека е потребно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединети нации, резолуциите на Совет за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународен суд на правдата“, се додава во соопштението.





