Поранешниот Претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од 25 до 28 февруари 2025 година престојувал во работна посета на Анкара, Република Турција, каде што остварил низа значајни средби со високи државни преставници како и со преставници на академската и бизнис заедница. Иницијативата за посетата била на професорите на Катедрата по македонски јазик и литература при Универзитетот во Анкара, каде Претседателот Иванов бил поканет да одржи предавање на тема „Турско-македонските односи“. За време на предавањето, претседателот Иванов истакнал дека турско-македонските односи се темелат на длабоки историски и културни врски, кои продолжуваат да се развиваат низ образованието и економската соработка. Тој исто така нагласил дека студентите кои го изучуваат македонскиот јазик во Турција имаат важна улога како мост меѓу двете земји, придонесувајќи за продлабочување на соработката во различни области. ,,Предавањето беше проследено од голем број студенти и професори, а дискусијата се фокусираше на историјата, заедничките културни вредности и идните перспективи за соработка меѓу академските институции на двете земји”, стои во информацијата од неговиот кабинет. Во рамките на посетата, д-р Ѓорге Иванов остварил средба со Претседателот на Големото народно собрание на Турција, г. Нуман Куртумлуш. Разговорот се фокусирал на значењето на билатералните односи во контекст на регионалната стабилност и просперитет. ,,Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните геополитички предизвици, улогата на парламентите во унапредувањето на демократските процеси и можностите за унапредување на економската и културната соработка.
Претседателот Иванов ја истакна важноста на Турција како стратешки партнер на Македонија и изрази благодарност за континуираната поддршка што Турција ја дава во повеќе области од заеднички интерес.
Претседателот Иванов оствари пријателска средба и со поранешниот Претседател на Големото народно собрание на Турција, г. Мустафа Шентоп, со кого размени мислења за актуелните глобални предизвици, а особено внимание беше посветено на историските врски меѓу Македонија и Турција и начини за унапредување на соработката во сферата на образованието и културната размена.
Во рамки на посетата, Претседателот Иванов имаше продуктивна средба со Претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Серкан Кајалар, при што беа разгледани можностите за понатамошна поддршка на ТИКА во Македонија. Разговорите се фокусираа на актуелните проекти на ТИКА во Македонија во областа на образованието, инфраструктурата, земјоделието и културното наследство, кои придонесуваат за економскиот и социјалниот развој на Македонија. Претседателот Иванов искажа посебна благодарност за поддршката на ТИКА за проектот на Претседателот Иванов, Школа за млади лидери”, пишува со соопштението од кабинетот на Иванов. Во текот на посетата на Анкара, Иванов се обратил пред Собранието и Бордот на директори на Стопанската комора на Анкара (АТО) на тема „Економски, трговски и човечки односи меѓу Македонија и Турција“. Во своето излагање, тој истакнал дека Турција е значаен економски партнер на Македонија и дека постои голем потенцијал за продлабочување на соработката во повеќе области. Посебен акцент бил ставен на важноста на културните и академските врски, како и улогата на македонската и турската заедница во зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји.
При посетата, претседателот Иванов имал можност да се сретне и со претставници на македонската заедница во Турција, кои се важен мост на пријателството и соработката меѓу двете држави. На средбата се разговарало за предизвиците со кои се соочуваат македонските иселеници, како и за начините на поддршка за зачувување на јазикот, културното наследство и националниот идентитет. Посетата е дел од континуираните напори на Претседателот Иванов за унапредување и интензивирање на билатералната соработка, економските односи, како и културната и академската размена меѓу Македонија и Турција.

















