Иванов во вторник официјално ќе ја отвори амбасадата во Бразил

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од 11 до 15 декември ќе престојува во официјална посета на Бразил, во рамките на која во вторник во Бразилија официјално ќе ја отвори амбасадата на Република Македонија.



Покрај свеченото отворање на првото македонско дипломатско претставништво во Јужна Америка, Иванов истиот ден ќе биде примен и од својот бразилски колега Мичел Темер. Шефот на македонската држава потоа ќе се пресели во Рио де Жанеиро, каде што на 15 декември ќе се сретне со гувернерот Луиз Фернандо Пезао.

Бразил ја призна Македонија во 1995 година, а три години подоцна двете земји воспоставија дипломатски односи. Во 2011 година во посета на Бразил беше тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, а две години подоцна  Никола Груевски стана прв македонски премиер што ја посетил оваа земја. Минатата година беше отворена и македонската амбасада во Бразилија, откако Ивица Боцевски на 23 јуни му ги предаде акредитивните писма на претседателот Темер и стана прв резидентен амбасадор на Македонија во Латинска Америка.

Во 2015 година вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна 27 милиони американски долари, а лани 19,78 милиони, при што Бразил оствари суфицит од 13,3 милиони.