„Сега патриотизам не е повеќе гигантското знаме во Зајас, туку економијата и нашите успешни компании во домашен и меѓународен ранг. Сега патриотизам не е повеќе празното зборење, туку квалитетното образование и листите на рангирањето на универзитетите.“ – овие ставови ги има искажано Зеќирија Ибрахими, новиот лидер на партијата Алтернатива, членка на коалицијата Вреди и на Владата на Република Македонија, во својата реч на изборниот конгрес на оваа партија, одржан на 6 јули годинава во Куманово. Интегралната реч на Ибрахими ја има објавено пред два дена информативниот портал на албански јазик „Алфакс“.
Покрај другото, во своето истапување на споменатиот конгрес Ибрахими кажа: Во периодот 1991-2001 година имавме војна за рамноправност. Во периодот 2002-2008 година имавме борба за институционално достоинство. По 2011 година деградиравме во корупција, сиромаштија, масивно раселување, во разурнато образование и во никаков социјален живот. Но во 2024 година ние отвораме ново поглавје во нашата национална историја.
Сега патриотизам не е повеќе празно зборење, туку економијата. Сега патриотизам не се повеќе церемониите на дипломирањето, туку листите на тестирањата ПИСА и листите на рангирањето на универзитетите. Сега патриотизам не е повеќе гигантското знаме во Зајас, туку е врвот на листите на нашите успешни компании во домашен и меѓународен ранг.
Мојата обврска како лидер на Алтернатива и нејзината програма се содржат во тоа да му помогнеме на албанскиот бизнис, да ги направиме Албанците колку е можно побогати, бидејќи така се наметнува општиот квалитет на животот. Едно општество со економско изобилство наметнува да има квалитетно образование, квалитетно здравство, богат спортски живот и просперитетна култура.
Алтернатива во наредните години ќе биде партија на образованието и економијата. Ние не стануваме народ без образование и без економија. Нема да дозволиме оваа партија да се претвори во бизнис. Политичката нација се гради со капитал и образование, а се уништува со сиромаштија и незнаење.
За мене политиката е да им служиш на другите, а не другите да ни служат нам.
Home Македонија Ибрахими: Сега патриотизам не е повеќе гигантското знаме во Зајас, туку успешната...





