Зошто студиите по новинарството пропаѓаат во жива песок?!

Македонија со најмал број студенти по новинарство во регионот, преку проекти се нуди решение за проблемот. Во последните 15 години, за девет пати се намалил бројот на студенти запишани на новинарски студии, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, а за шест пати е намален бројот на запишани студенти на новинарство, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во последните 12 години, покажуваат бројките од факултетите до кои дојде ПИНА.



Поразителни се податоците на запишани студенти од двата најголеми државни универзитети во државава, во однос на бројот на студенти кои се запишуваат на новинарски студии.

Континуиран тренд на опаѓање на интересот за новинарство, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ се забележува особено во последните 10 години, каде троцифрен број на запишани студенти на новинарство последен пат е евидентиран во академската 2010/2011 година, кога се запишале 108 студенти, а минатата академска година, оваа бројка паднала на само 16 студенти со желба да студираат новинарство – што е и досега, рекорден, најмал број на запишани студенти на овие студии.

Покрај тоа што од година во година сè помалку се запишуваат студенти во прва година на новинарство, мала е заинтересираноста и за мастер студиите за новинарство, од кои половина се укинати.

Ѓургица Бојчовска, студентка на новинарство, на Правниот факултет „Јустинијан Први”, вели дека се запишала на студиите по новинарство затоа што имала голема желба да научи повеќе за оваа професија.

  • На почетокот мислев ќе научам многу на факултетот, но тоа не се одвиваше така. На  студиите по новинарство имаме само два задолжителни предмети поврзани со новинарството, другите предмети се изборни иако треба да се задолжителни. Исто така, македонски јазик и странски јазик ги имавме само во една година, а на факултет на кој треба да имаме задолжителна пракса, на која ќе можеме да научиме многу повеќе, немаме. Работа како новинар е тешко да се најде овде кај нас во Македонија. Треба да имаш врски да те вработат, смета таа.

На кривата на УГД пак, континуиран пад на интересот за новинарство се бележи во последните седум години, односно од академската 2014/2015 година, кога имало најголем интерес, со 30 запишани студенти на новинарство, за лани, таа бројка да изнесува само 4 студенти.

По четири запишани студенти на новинарство на овој универзитет имало и во академските 2017/2018 и 2018/2019 година. Покрај оваа поразителна бројка на студенти на новинарство, неколку години по ред, Игор Стојанов, главен и одговорен уредник во одделот за радио и ТВ на Универзитетот „Гоце Делчев“  истакна дека вкупно, во сите четири години на оваа насока, студираат не повеќе од 20 студенти.