Зошто предупреди Лога дека е „враќање пред 2001“ приоритетот на Попов од МАНУ да се врати унитарноста на Македонија?!

„Враќањето на унитарната држава значи дека земјата се враќа пред 2001 година и ова е вознемирувачки повик.“ – изјави министерот за правда Кренар Лога во синоќешниот настап во емисијата „Интервју“ на телевизијата на албански јазик „Шења“ од Скопје. Овој став Шења го изнесе како негова реакција на првото излагање на новиот претседател на Македонската академија на науки и уметности Живко Попов вчера. Тој нагласи дека укинувањето на врамнотежувачот (балансерот), уставните реформи и враќањето на унитарниот карактер на државата се негови три приоритети, кои тој ќе ги реализира како нов претседател на МАНУ.



„Обидите за злоупотреба на таканаречениот балансер, како законска обврска, според која се распишуваат конкурси само со наведен етникум и настојувањето тој да се применува за вработување и унапредување на кадрите и во научни и независни институции, при што се испушта критериумот за квалитет и комптетентност, за МАНУ е неприфатлива и надвор од законската регулатива.“ – посочи Живко Попов во своето излагање во Македонската академија на науки и уметности.

ТВ Шења пишува: Коментирајќи ја изјавата на претседателот на МАНУ Попов за враќањето на унитарниот карактер на државата и за укинувањето на Охридскиот договор, министерот за правда Кренар Лога рече дека ова се многу вознемирувачки изјави, бидејќи предводникот на македонскиот интелектуализам упатува повик да се отстрани врамнотежувачот (балансерот), кој е инструмент кој им дава права на сите граѓани на Македонија и им гарантира рамноправност. „Комбинирајте го ова со она што го вели дека ќе имаме и уставна реформа и враќање на унитарната држава. Враќањето на унитарната држава значи дека земјата се враќа пред 2001 година и ова е вознемирувачки повик.“ – посочи Лога.

Лога рече дека дека има уште еден момент: кај оди целиот македонски интелектуален свет, кој не може да прифати дека Албанците се еднакви со Македонците? „Претседателот за кого станува збор е татко на претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ.“ – изнесе Кренар Лога, додавајќи дека тоа е линијата, која се обидува да да изгради ВМРО ДПМНЕ, но и која ја гради секој ден. Тој нагласи дека МАНУ не се реформирала никогаш и оти е „лулка на србизацијата во Македонија“.