Зошто отиде Таравари на средба со Курти само еден ден откако со судска одлука му се одземаат печатите на АА?

Претседателскиот кандидат од албанската опозициска коалиција ‘Вреди’ Арбен Таравари, придружуван од двајца свои соработници и поддржувачи, вчеравечер, на 3 април 2024 година, оствари средба со премиерот на Косово Албин Курти во Приштина.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“. Инаку, паѓа во очи фактот што Таравари почувствува потреба да се сретне со Курти само еден ден откако Основниот суд во Тетово донесе одлука, со која му се одземаат партиските печати на Алијансата за Албанците. Дали можеби Таравари дополнително бара помош и поддршка од Курти, за да се справи со тој момент, кој во одредена мера ја оптоварува неговата позиција како челник на едното крило во Алијансата за Албанците, но и како  претседателски кандидат?Дали со својата вечерашна објава на фејсбук дека „партискиот печат не вреди ниту пет пари“ Беким Ќоку, советникот на Курти, дава можен одговор на дилемата која беше целта на средбата на Таравари со Курти?



Натаму „Лајм“ пишува: „На оваа средба присуствуваа и Илир Џафери, синот на поранешниот и починат лидер на Демократската партија на Албанците Арбен Џафери, како и Фета Алими, човекот, кој му го спаси животот на Зијадин Села во настаните на 27 април во 2017 година во Собранието на Македонија.“

„Сега сме во Приштина на една средба на Албанци со голема симболика! Со Илир Џафери, наследникот на Арбен Џафери, со Фета Алими, и со премиерот на Косово Албин Курти, кој е поддржувач на нашата кауза, инспиратор и пример за големи движења! Промената започна.’ – напиша на фејсбук Арбен Таравари.“

Инаку, Таравари не соопшти поблиски детали која била директната цел и повод за оваа негова во извесна смисла неочекувана и ненадејна средба со Албин Курти, премиерот на Косово и лидер на тамошната владејачка партија Ветвендосје (Самоопределување). За одбележување е и фактот што Таравари во текот на вчерашниот ден ја претстави својата платформа како кандидат за претседател на Македонија, а само неколку часа потоа замина во Приштина да се сретне со „инспираторот и пример за големи движења“, како што го испофали Курти.