Зошто Македонците како народ се едни од најгневните во Европа?!

Граѓаните на земјава се рангирани на второто место меѓу европските нации во овогодинешниот Глобален извештај за емоции на „Галуп“, кој покажува колкав гнев или бес чувствува населението во секоја земја на дневна основа. Пред нас се само Турците, а она се забележува од мапата е дека дури и населението во Украина, каде трета година има војна е посмирено.



Граѓаните, како што пренесе Фактор, се согласуваат дека навистина е така, како што е наведено во истражувањето. Велат дека ни фалат трпение и смиреност.

  • „И јас го прочитав тоа истражување. Има вистина во тоа. Има многу причини зошто сме гневни. До некаде е и до менталитетот. И во сообраќајот луѓето се многу нервозни“, рече за Фактор Марија Крстевска, граѓанка.

Друга жена која живее во Германија објаснува дека има разлика меѓу луѓето овде и таму, односно таму се посмирени.

  • „Германците се посмирени, не се нервираат, немаат толку проблеми“, додава таа.

Граѓаните објаснуваат дека живееме во бурно време и постојано сме под стрес. Психолозите објаснуваат дека повеќе фактори имаат улога затоа што населението е бесно. Удел имаат сиромаштијата,  лошиот стандард и слично.

  • „Лутината  може да биде предизвикана од лични, општествени, економски причини. Лутината кажува дека нешто не е како што треба во околината и нешто се случува што не ни се допаѓа. Функцијата на лутината е нешто да се направи, другиот да направи, за да се промени ситуацијата, било да е тоа ситуацијата во поширок контекст, семејството, работата или нешто друго“, вели Елена Кабранова психолог.

По Турците и Македонците, според истражувањето на Галуп, следуваат Албанците и Црногорците (24 отсто) и Шпанците (23 отсто). Во регионот, Бугарија, Србија и Косово се некаде при дното на листата, затоа што меѓу 11 и 13 отсто од нивните граѓани се изјасниле дека чувствуваат бес во текот на денот, додека 21 отсто од испитаниците од Грција го кажале истото.

Држави со најмал процент на гнев на дневна основа во Европа се Финска и Естонија (седум проценти), Португалија (осум проценти) и Холандија и Хрватска (девет проценти).