Иницијативата за укинување на Специјалниот суд за сторените воени злосторства на поранешната ОВК, бил резултат на најавите дека пред 25 декември ќе биде објавено првото обвинение.
И, дека први апсења ќе имало веќе во јануари, пишува „Коха диторе“, повикувајќи се на свои извори.
Поради немање кворум, синоќа сепак не се одржа седница на Косовскиот парламент на која требаше да се решава за промена – укинување на Законот со кој е формиран Специјалниот суд.
Косовскиот специјален суд, со седиште во Хаг, беше формиран во 2015 година за да се утврди одговорност за воените злосторства против етничките Срби во периодот 1998 – 1999 година.
Приштинскиот весник претходно објави дека претседателот и премиерот, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, лидерите на таканаречената „воена коалиција“ кои ја формираа власта, наводно ја поттикнале петицијата на воените ветерани на поранешната ОВК за изменување и дополнување на Законот за Специјалниот суд“.
До вчера биле собрани над 15.000 потписи.
Имаше многу шпекулации дека меѓу обвинетите може да бидат и некои од високите официјални лица во Косово. Па дури и самото формирање на коалиција Тачи – Харадинај, аналитичари ја опишаа како обид на некогашните „воини“ да се избегне утврдувањето на одговорност за злосторства извршени врз несрпското население, пишува Б92.
Наспроти оваа иницијатива за укинување Специјалниот суд отворено и со предупредувања излегоа американскиот, германскиот, британскиот и европскиот амбасадор во Косово. Според нив, Косово ја загрозува својата иднината поради личните интереси на нејзините лидери.
„Газета експрес“ пишува дека зад иницијативата стоеле тројцата поранешни високи команданти на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели и Рамуш Харадинај, кои се сега на чело на трите главни институции во земјата.





