Македонија не успеа да го изгради гасниот интерконектор со Грција, ниту да изгради гасна централа пред да почне да работи гасниот терминал во грчки Александрополис, но не закупи ни термини за пренос на гасот преку гасоводот Грција-Бугарија иако плати 3 милиони евра закуп на регасификација во терминалот со надеж дека ќе купува гас, пишува Плусинфо. Сега е сè поизвесно дека тие пари ќе пропаднат, како што е веќе јасно дека нема да имаме удел во терминалот и во гасната централа во Грција најавени како проекти кои се важни за енергетско осамостојување на земјава во кои требаше да се инвестираат повеќе од 150 милиони евра.
Вака некако изгледа приказната за македонското учество во инвестицијата во терминалот и во гасната централа во грчкиот град Александрополис најавен како пандан на рускиот гас за регионот.

Што кажа, а што излажа претходната влада за инвестицијата во Александрополис?
Првичните информации од Владата предводена од Зоран Заев беа дека Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, а беа и потпишани меморандуми за соработка на ЕСМ и Национални енергетски ресурси со компании од Грција.
„Нашата намера е да вложиме одреден процент во гасниот терминал Александрополис кој што е вреден околу 400 милиони евра, и во кој има грант од ЕУ од 170 милиони евра и во кој ние ќе партиципираме со 10 проценти, а Грција и Бугарија партиципираат со по 25 проценти, а останатиот дел е приватен капитал“, напиша Заев на неговиот профил на Фејсбук.
– Ја најавувам првата директна инвестиција, а тоа е нашето учество во гасоводот Александрополис. Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во Александрополис, инвестиција меѓу 6 ипол и 7 ипол милиони евра и ќе имаме 10 проценти учество, Грција има веќе 20 проценти учество, Бугарија има 20 проценти учество, една американска и една грчка компанија се останатите партнери и да учествуваме со 25 проценти во Гасната централа на природен гас во Александрополис – рече Заев на седница за пратенички прашања во Собранието во декември 2020 година.
Изградбата на интерконекторот со Грција, како што рече тој, е проект вреден 54 милиони евра, од коишто, од инвестициската рамка за Западен Балкан, имаме 14 милиони евра грант.
– Завршена е целата документација, почетокот на 2021 година очекуваме почеток на изградбата на овој интерконектор, којшто ја дава за прв пат можноста да влезе втор, трет, четврти, петти извор на гас – рече Заев во 2020 година.
Најавено беше дека земјава ќе инвестира 25% од вредноста на гасната централа во Александрополис од 800 мегавати, која треба да чини околу 400 милиони евра, односно да учествува со 100 милиони евра во инвестицијата. Тогаш беше најавено дека се очекува и учество со 10 отсто во вкупната инвестициска вредност од 370 милиони евра за гасниот терминал.
Две години подоцна, на крајот на 2023 година поранешниот премиер Димитар Ковачевски изјави дека нашата земја има закупено капацитет во гасниот терминал во Александрополис и дека земјава не е сопственик на дел од терминалот.
– Изразивме подготвеност да бидеме дел од гасниот терминал преку кој ќе биде транспортиран ЛНГ гас од САД и од други земји кои се наши партнери. За таа цел со одлука на Владата веќе имаме закупено количини на гас за потребите на Северна Македонија. Гасниот терминал има свои сопственици и доколку некој од нив има намера да продаде дел од своите удели кои ги поседуваат нашата држава е подготвена да купи дел од гасниот терминал и да стане дел од сопственичката структура – изјави тогаш Ковачевски.
Тој рече и дека дотогаш сопствениците на терминалот не донеле таква одлука.
Гасот може да влезе само преку Ќустендил-Жидилово, ама тој коридор не е закупен за оваа година
Сегашниот статус на проектот за енергетско осамостојување на земјава е дека „Номагас“ сè уште нема стекнато 10% учество во сопственоста во ЛНГ терминалот во Александрополис, а ЕСМ нема сопственост од 25% во тамошната гасна централа како што беше најавено во 2021 година, кога проектот беше претставен пред македонската јавност.
Новото раководство на ЕСМ и министерката за енергетика Сања Божиновска на 1 октомври на пуштањето на гасниот терминал во Грција, алармираа дека земјава нема корист од тоа што терминалот веќе работи бидејќи гасот не може да стигне во земјава поради ненавремено реагирање на поранешните раководства во ЕСМ и „Номагас“.
„Согласно достапната документација, АД ЕСМ во проектот Александрополис има закупено само капацитет од 1,8 T Wh годишно, односно 4,95 GWh/ден, за период од 15 години. Имено, поранешното раководство на ЕСМ преку ЕСМ Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил-Жидилово, не била закупена за оваа година. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил-Жидилово, Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигават час дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу 3 милиони евра“, откри новото раководство на ЕСМ пред неколку дена. Повеќе на Плусинфо.мк





