ЗНМ и ССНМ: Директорката на болницата „Козле“ врши директна цензура врз новинарите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на соопштението од в.д. директорката на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска со кое таа забранува да се споменува нејзиното име во медиумите. Од ЗНМ велат дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.



  • Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“, се вели во реакцијата од ЗНМ објавена на нивната фејсбук-страница.

Од ЗНМ велат дека сите носители на јавни функции доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант, а на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини.

И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја осудува објавата на в.д. директорката на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, д-р Каролина Симоновска во која таа забранува користењето на нејзиното име во медиумите и преуредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите. 

По серијата текстови во кои дел од медиумите пишуваа за состојби во Детската клиника Козле-Скопје, Симоновска во соопштение проследено до јавноста предупредува дека не дава согласност за користење на нејзиното име во медиумите со закана дека во случај на неовластено објавување на информации поврзани со неа, таа ќе поведе постапка и ќе преземе законски мерки. 

ССНМ ја потсетува д-р Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста. Во исто време ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните. 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целиот случај го толкува како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите, а избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, ги потсетува дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици.

Изјавата од Симоновска доаѓа откако изминатиот период лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката, по случајот во кој ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист.

Во писмото упатено до медиумите бараат надлежните институции, Министерството за здравство и премиерот да стават крај на самоволието на директорката Симоновска, со што, според нив, ќе заврши дискредитација што таа ја нанесува на болницата.