Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациски директор на Клиниката за Токсикологија во Скопје.
„Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ.
Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, реагира ЗНМ.
ЗНМ формално ќе се обрати до ресорното министерство и ќе бара одговорност од директорката на Клиниката за Токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба.
Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и на воспоставување на транспарентност во работењето на клиниката, со цел да се осигура слободата на говор и правото на новинарите да информираат за прашања од јавен интерес.






