Златев до новиот директор на АНБ: Правдата е задоволена но немој да бидеш како Мијалков и Димовски

Уредникот на Радио Лидер Љупчо Златев му упатува јавна порака на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски поради чиј случај со години му се суди за објавување на службена тајна за што може да заврши на долгогодишна робија.



Златев открива дека од луѓе од СДСМ добивал непристојни предлози кои ги одбил.

На човекот поради кого е под прогон му порачува да биде професионален и да не го прави тоа што го правеа екс шефовите на тајната служба Сашо Мијалков и Викторио Димовски.

,,Кога пред скоро 5 години на lider.mk објавив класифицирани документи за тоа како преку политичка монтажа и фалсификат, Агенцијата за национална безбедност му ја уништива кариерата на младиот експерт за анти-тероризам Бојан Христовски, Бојан не го ни познавав.
Објавив само поради внатрешниот порив за правда. Кога ги разгледав фактите, утврдив дека Викторио Димовски и Јовче Ременски сакаат да се пресметаат со еден човек само поради неговите квалитети и само поради тоа што не е припадник на нивната партиска каста.

Кратко потоа, со шок го примив обвинението против мене од страна на обвинителството, кое поради објавената информација побара да лежам помеѓу 5 и 10 години затвор.

Беше тешко за целото мое семејство, со неверување гледавме дека може поради објавена злоупотреба некој може да биде суден. Се сеќавам на загриженоста на мојот татко, кој баш во тој период доби дијагноза за канцер.

Почна судска битка која еве трае скоро четири ипол години. Можеше брзо да заврши, имав понуда преку кругови блиски до поранешниот премиер Заев да признаам вина, да почнам да работам за власта и да добијам условна казна поради која не би одел во затвор. Не прифатив, реков дека нема да признаам вина затоа што сум информирал за нанесена неправда.

Плус, не сакав да работам за таква штетна власт, не сакам да работам општо за никаква власт па колку и да беа слатки парите кои ми ги нудеа.

Наскоро потоа го запознав и Бојан, со кој станавме блиски пријатели, но до ден денешен не сум му кажал од каде ми се документите, само му кажав дека станува збор за неправда за која јас како новинар сум должен да ја објавам.
Во овие четири ипол години, Лидер стана Радио, јас се оженив, станав татко, го изгубив татко ми… А судскиот процес продолжува. Наредното рочиште ми е во ноември…
Денеска Бојан Христовски беше назначен за директор на АНБ и ќе ја води институцијата која сака да го уништи. Се чини, во неговиот случај правдата е задоволена! Некаква чудна космичка правда…
Му посакувам многу среќа и многу успеси во работата за која е целосно стручен. Во исто време, му порачувам дека тој како директор нема никаков долг кон мене, нити пак јас кон него.

Тие информации не ги објавив поради него туку поради правдата. Му порачувам и да внимава што прави на оваа моќна функција и дека не смее да помисли да ги повтори грешките на неговите претходници Сашо Мијалков и Викторио Димовски, затоа што така, ќе заврши како нив!”, пишува Златев.

Поврзана содржина

Бојан Христовски нов директор на Агенцијата за национална безбедност