Фудбалерот на Арсенал, Украинецот Олександр Зинченко (27), нема дилема дали би зел пушка ако биде повикан да ја брани својата земја.
Во интервју за „Би-Би-Си Њузнајт“ тој зборуваше и за одлуката на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да ја намали старосната граница за регрутирање војници од 27 на 25 години.
Тој вели дека не би се двоумел доколку биде повикан да се бори за својата земја.
„Ако ме повикаат да се борам, дали би одговорил? Одговорот е јасен, би одел во војна. Знам дека многу луѓе мислат оти ми е полесно овде во Лондон отколку да сум во Украина. Навистина се надевам дека војната наскоро ќе заврши“, изјави момчето родено во Радомишље.
Многу негови соученици се на фронтот, тешко му е да замисли дека до вчера сите биле на училиште, играле …
„Тешко ми е да разберам дека не толку одамна сите бевме во училишни клупи, во исто училиште, игравме на улица, игравме фудбал, а сега тие мораат да ја бранат земјата. Но, така е како што е. Тешко е да се разбере тоа, но не смееме да се откажеме“.
Во интервјуто за Би-Би-Си Зинченко откри дека донирал повеќе од милион фунти за да им помогне на своите сонародници.
„Ситуацијата во мојата земја е многу тешка и сите сме горди на претседателот. Не можам да бидам повеќе горд на себе што сум Украинец отколку што сум сега“, рече Зинченко.
На крајот испрати силна порака за сите Украинци.
„Никогаш нема да заборавиме што ни направија, на мојот народ. За тоа ќе им зборувам на моите деца, а моите деца на нивните деца. Ова не може да се толерира. Која е мојата должност во вакво време? Како можам да им помогнам на моите земја, мојот народ таму? Мојот сон е оваа војна конечно да заврши и наскоро, навистина наскоро, да бидеме во можност да ја обновиме Украина така како што сакаме“.






