Зеленски сигурен дека американската воена помош за Украина ќе продолжи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека директивата на американскиот државен секретар Марко Рубио за замрзнување на финансирањето на речиси сите програми за странска помош во следните 90 дена не значи запирање на испораката на воена помош за Украина.



По средбата со молдавската претседателка Маја Санду, тој изјави дека за разлика од Украина Русија не сака крај на војната и побара на евентуалните преговори да бидат вклчени и САД и ЕУ.

Зеленски е дециден дека воената помош продолжува, а според првичните информации директивата на државниот секретар Рубио вклучува конкретни исклучоци за Украина во рамките на невоените програми.

„Знам дека има некои ограничувања. Треба да ги разгледаме деталите. Ограничувањето од 90 дена за хуманитарни програми, знам. Има голем број институции низ светот кои претходно беа поддржани од владата на Соединетите Американски Држави. Не го знам ова, не ги гледам овие пари. Можам само да кажам дали Украина може да го добие и дали сум вклучен. Фокусиран сум на воена помош, не е запрена, фала богу“, рече Зеленски.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година САД испорачаа воена помош во вредност од 66 милијарди долари.