Зеленски: Работиме на посебен договор за мир со САД

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера рече дека успехот „веќе изгледа можен“ по почетокот на соработката на неговата администрација со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.



Зеленски истакна дека имал добар телефонски разговор со Трамп пред Минхенската безбедносна конференција, а во Минхен се сретнал и со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и со државниот секретар Марко Рубио.

Тој нагласи дека денес светот со посебно внимание гледа на Соединетите Американски Држави, препознавајќи ги како клучна сила која може да ги запре конфликтите и да обезбеди траен мир.

Тој откри и дека Украина и САД заеднички работат на „специјален договор“ кој дополнително ќе ги зајакне односите меѓу двете земји, но не сакаше да открие повеќе детали.

„Почнавме соработка со тимот на претседателот Трамп и веќе чувствуваме дека успехот е можен. Сега целиот свет гледа на Соединетите држави како сила која не само што може да ја запре војната, туку и да обезбеди траен, стабилен мир по неа“, напиша Зеленски на Телеграм.

И покрај неговиот оптимизам, тој исто така предупреди на можните обиди на рускиот претседател Владимир Путин да манипулира со ситуацијата и да го продолжи конфликтот, нагласувајќи ја важноста од заедничка акција на Украина, САД и европските сојузници.

„Се разбира, Путин ќе продолжи со обидите да го измами светот и да ја продолжи војната. Но вистинскиот мир е можен. И ние мора да го постигнеме заедно – Украина, Соединетите Американски Држави и Европа“, рече украинскиот претседател.

Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски во интервју за Ен-Би-Си Њуз истакна дека на Украина ќе и биде „исклучително тешко“ да и се спротивстави на руската агресија на долг рок без американска помош.

Зеленски: Ќе биде многу, многу, многу тешко без поддршка од САД (ВИДЕО)